Четврти летен фестивал „Кога си во Крушево“ (When in Krushevo) ќе се одржи од денеска до 10 август во тој град. Фестивалот, што првпат ќе се одржува цела недела, нуди голем број рекреативни содржини и „он-лајн“ тури за сите возрасти.
Според Димитар Ангелковски, еден од организаторите, во фокусот годинава се заштитата на здравјето и потребата за здрава рекреација.
-Со оглед на состојбата, годинава имаме видно изменет концепт на фестивалот. Се одржува по четврти пат. Обично го одржуваме еден викенд, но сега е од 1 до 10 август. Сакавме да ги избегнеме сите групирања. Фестивалот ќе се одржува насекаде низ Крушево и неговата околина. Секако, во предвид ќе бидат земени сите протоколи препорачани од релевантните институции. Фокус ни се многубројни активности, без групирања и со пропишаните мерки. Имаме летање со параглајдер, јавање на коњи, планински веосипедизам и планинарење, но видно изменети, вели Ангелковски.
Новината годинава се и „он-лајн“ турите.
-Годинава имаме објавено он-лајн тури за планински велосипедизам и планинарско искачување. Така, секој учесник, на сопствена одговорност си ја симнува апликацијата со мапата која ја препорачуваме со неколку тури: долги, кратки. Концептот е интересен, но главно, на прво место, е заштитата на учесниците. Имаме виртуелна трка, трчање на пет километри. Така, секој учесник на Фестивалот, од 1 до 10 може да си избере која било локација во градот, имаме упатства и сите кои ќе бидат најбрзи, ќе добијат и награди. Имаме искачување и на вештачка карпа за младите љубители. несекојдневно е и интересно. Ќе се изнајмување на велосипеди, објаснува Ангелковски.
Според него, голем е интересот со оглед на ситуацијата, а и дека граѓаните не може да патуваат па ги искористуваат потенцијалите на помалите туристички места.
-Ќе има доста посетеност, но, нормално, препорачуваме да се почитуваат сите мерки за заштита. Секој од учесниците со пристигнувањето во Крушево, може да си го подигнат пакетот. Билетите се по 400 денари и големи попусти. Сето може да го најдат во параглајдинг-центарот во Крушево, вели Ангелковски.
Сите посетители може да ги користат сместувачките капацитети за резервација, а информациите се достапни.
-Сметам дека посетителите ќе бидат задоволни. Целта е да ја подигнеме свеста и за заштита и за потребата да се рекреира. И секако, ги промовираме Крушево и здравите навики и кај младите и кај возрасните, нагласува Димитар Ангелковски, еден од организаторите на летниот фестивал „When in Krushevo“ (Кога си во Крушево).
Досега Фестивалот има две зимски изданија.