Медиумско огледало: Медиумите некритички и навивачки за власта

Од:

Локалните избори поминаа во знакот на: интензивна негативна и дисквалификувачка кампања на владејачката коалиција „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ спрема опозицијата; засилена националистичка реторика на политичките актери во Кичево и во Струга; директно вклучување на власта во изборната кампања во корист на владејачката коалиција и пристрасно информирање на поголемиот дел од медиумите повторно во полза на владејачката коалиција.

Ваквото поведение на медиумите и на власта, за време на изборите, недвосмислено ги потврдува констатациите на релевантните домашни, но и меѓународни институции и организации, како на пример, американскиот Стеј Департмент, „Фридом Хаус“ и „Репортери без граници“, дека во Македонија слободата на медиумите секојдневно, засилено и драматично се влошува.

Ова се накусо заклучоците од анализата на медиумите „Медиумско огледало“, посветена на Локалните избори 2013 година, која беше реализирана во периодот од 11 до 15 февруари 2013 година (пред официјалниот почеток на изборната кампања) и од 18 до 23 март 2013 (последните пет дена од изборната кампања). Во мониторингот беа вклучени шест дневни весници („Утрински весник“; „Дневник“; „Вест“; „Вечер“; „Нова Македонија“, „Фокус“), и централните информативни емисии на седум телевизии со национална и сателитска концесија („ 24 Вести“; „Канал 5“; „Сител“; „Телма“; „МРТ1“; „Алфа“ и „АлсатМ“). Во рамките на овој мониторинг беа анализирани и изборните видео-спотови на владејачката коалиција „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на опозициската коалиција „Сојуз за иднината“, предводена од СДСМ, а беа анализирани и дел од предизборните говори на лидерите на владејачката коалиција и на опозицијата.

Целта на мониторингот беше да се анализира информирањето на медиумите за активностите на државните и на општинските власти за време на Локалните избори, да се детектира евентуалното директно или индиректно вклучување на властите во изборната кампања, да се утврди каков вид капања се практикуваше за време на Изборите 2013 година и кои беа главните пораки што му ги упатија партиските актери на гласачкото тело во Република Македонија, со посебен фокус на Кичево и Струга.

За време на кампањата, владејачката коалиција и нејзините видео спотови доминираа со медиумскиот простор. Анализата на говорите и на видео спотовите недвосмислено покажа дека оваа коалиција спроведе интензивна негативна кампања спрема опозицијата што силно влијаеше врз зајакнувањето на антагонизмот кон политичките различности и сериозно го деформираше изборниот процес. Предизборната битка наместо да претставува натпревар и соочување на различни политички идеи и програми, се престори во жестока, лична и дисквалификувачка пресметка на власта со опозицијата и со другите политички неистомисленици. Она што загрижува е и засилената националистичка реторика на политичките актери во Кичево и во Струга, и обидот за национална мобилизација на гласачкото тело по етничка линија.

Анализата на информирањето на медиумите за активностите на државните и на локалните власти, покажа дека власта со поддршка на поголемиот дел од медиумите влезе во изборна кампања односно во директна поддршка на своите партиски кандидати за градоначалници и советници на локалните избори уште пред официјалниот почеток на кампањата, а таквиот тренд продолжи до крајот на изборниот циклус. Во периодот на мониторинг беа најавени и промовирани голем број владини мерки и политики. Иако, овие мерки и политики беа претставени како економски антикризни мерки, сепак, фактот што тие интензивно се најавуваа во време изборна кампања, недвосмислено покажа дека Владата директно се стави во функција на изборите и со помош на провладините медиуми ја засили поддршката на своите партиски кандидати за градоначалници и советници. Едновремено, загрижува и практиката на државните и на локалните функционери да ги користат службените ресурси (на пример, возила, обезбедување и др.) за партиски цели односно за изборни партиски активности. Ваквото поведение на централните и на локалните власти, сериозно го наруши изборниот процес.

Анализата покажа дека провладините медиуми, кои доминираат со медиумската сцена во Македонија, и за време на изборите претставуваа продолжена рака на пропагандата на власта и на нејзината изборна коалиција. Тие афирмативно, пристрасно и некритички информираа за активностите на власта и на владејачката коалиција, додека за опозицијата главно информираа селективно, игнорирачки и критички.

Комплетниот извештај од изборниот мониторинг, финансиски поддржан од Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ), на македонски и на англиски јазик, ќе може да го најдете на интернет страницата на НВО Инфоцентарот (www.nvoinfocentar.org.mk), на 7 мај 2013 година.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар