Лидерите на шестте земји од Западен Балкан утре ќе учествуваат на видео-самит во Вашингтон, организиран од Атланскиот совет, а посветен на конкретните чекори за зајакнување на регионалната економска соработка и привлекувањето странски инвестиции, пренесе Бета.
Како што е објавено на веб страницата на Атлантскиот совет, на самитот ќе присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Авдулах Хоти, албанскиот премиер Еди Рама, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, претседателот на министрите на Советот на БиХ Зоран Тегелтија и црногорскиот министер за економија Драгица Секулиќ.
Атлантскиот совет додава дека овие значајни чекори треба да помогнат во закрепнувањето на економијата по пандемијата на коронавирусот, со поголемите можности за економски развој.
„Очекуваните економски и социјални последици од пандемијата на Ковид-19 на Балканот бараат итна регионална акција за да се избегне трајната економска стагнација и потенцијалната нестабилност што доаѓа со неа“, наведува Атланскиот совет, и додава дека со нетрпение очекува лидерите на Западен Балкан да се договорат за поголема економска соработка, што вклучува слободен проток на стоки, луѓе и услуги преку границите во регионот.
Атланскиот совет, се наведува во соопштението, го организира самитот за партнерство за Западен Балкан за да ги олесни и промовира конкретните чекори меѓу лидерите за регионалната економска интеграција со цел регионална економска интеграција, што може да го зајакне економското закрепнување по пандемијата, долгорочно да ја подобри конкурентноста на регионот и да ја зајакне нејзината привлечност за инвеститорите.
„Опипливите мерки договорени на самитот, поврзани и интегрирани во постојните регионални иницијативи и дијалози, ќе испратат важна политичка порака за евроатлантската иднина на Западен Балкан во време на засилена неизвесност“, заклучи Атланскиот совет.