Академскиот уметник Никола Упевче во рамки на неговата самостојна изложба што до 7 август е поставена во Лапидариумот на Куќата на Робевци во Охрид, од среда ќе одржува и работилници за мозаик, организирани за поедеинци и за помали групи лица заинтересирани за тој вид уметност.
На работилниците е предвидено да се изработуваат помали фрагменти мозаици, најразлични дела, сето зависно од креативноста на посетителите, секако со почитување на строгите мерки на претпазливост и на препораките за лична заштита.
– Секој што ќе биде дел од тие работилници ќе може да донесе свој материјал, но секако и да користат и некои од материјалите што ни се тука на располагање. Можат да соберат камчиња од плажа, сè она што имаат или сметаат дека може да биде интересно како материјал, а јас ќе се обидам да им ја доближам оваа благородна техника на учесниците и заинтересираните, изјави Упевче за МИА.
Инаку, од 24 јули во Лапидариумот во Охрид е поставена самостојна изложба со авторски креации на Упевче, оригинални дела, како и репродукции на изведени дела печатени во формат 1:1, работени во изминатите 22 години. Во рамки на изложбата се претставни и мозаици на кои уметникот има работено како конзерватор и реставратор на мозаичното културно наследство од Охрид и околината.