Штајнакер: На Балканот владеат клептократи-со благослов на ЕУ

Од:

„Во регионот се зацврстија хибридните демократии, клептократиите и мафијашките држави. Ќе биде тешко нешто да се смени додека на ЕУ и одговараат таквите „елити,“ пишува за Дојче Веле поранешната германска амбасадорка во Северна Македонија и Црна Гора, Гудрун Штајнакер.

Црна Гора и Србија се во преговори за пристапување во ЕУ. Во март е договорено започнување преговори со Северна Македонија и Албанија. Босна и Херцеговина поднесе барање за членство, а Србија го блокира напредокот на Косово.

Многу ниската излезност на изборите во Србија, Хрватска и Северна Македонија е израз на длабока недоверба во демократијата.

Демонстрациите во Белград ја нарушија „брилијантната“ изборна победа на владејачката партија на претседателот Александар Вучиќ.

Северна Македонија, по валканата изборна кампања, се соочува со речиси невозможно формирање на влада. Катица Јанева, поранешната надежна специјална државна обвинителка е обвинета за корупција. Во исто време, низ Скопје се „кочопери“ Сашо Мијалков, поранешен шеф на тајната служба и братучед на поранешниот премиер Никола Груевски, некогаш страшниот Капо ди тути капи и еден од најбогатите претприемачи. Никола Груевски ужива со целото свое богатство во егзил во Будимпешта, оценува Штајнакер.

БиХ е земја која е невозможно да се владее, каде се што вреди, меѓусебно е поделено од елитите предводени од клептократите како Милорад Додик и Бакир Изетбеговиќ.

Албанија и Косово се во постојана криза. Избраниот премиер на Косово, Албин Курти, беше соборен преку интригите на САД, а косовскиот претседател Хашим Тачи се соочува со обвинение за воени злосторства, што албанскиот премиер Еди Рама го смета за напад врз сите Албанци.

Малата Црна Гора, каде ќе се одржат избори во септември, е поделена во апсурден спор околу законот за слобода на религија меѓу ултрареакционерната Српска православна црква и кликата околу долгогодишниот владетел Мило Ѓукановиќ.

И, тогаш никој не е изненаден што милијардите на ЕУ, Европската банка за обнова и развој, Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и други исчезнуваат?

Носителите на одлуки во Брисел и бирократијата, заради други приоритети, воопшто не се грижат за тоа. Но, навистина и нема многу смисла да се предупреди Балканот да се придржува кон „основните правила“ на реформи, кога земјите од ЕУ, како и Германија, не се грижат многу за правилата веднаш штом ќе се допрат нивните интереси.

Таканаречениот Берлински процес, кој започна во 2014 година со многу ентузијазам и добри перспективи, не даде ништо посебно, тој беше во смисол на: се тресеше гората, а се роди глушец.

Аспирациите за инфраструктурни проекти останаа на хартија, додека Кина гради автопати, железнички мрежи и мостови, понекогаш дури и со поддршка од ЕУ и ги привлекува земјите во должничка замка. Одржливоста на овие проекти е нешто сосем друго. Но, тие одлично се вклопуваат за „вртење“ на многу милиони.

Затоа, крајно време е фундаментално да се преиспита политиката на ЕУ кон Балканот. Ова нема да се регулира со нова „методологија“ за пристапување во ЕУ. На коруптивните елити во политиката и економијата мора да им се спротивстави. Тие ќе мораат да се повикаат на лична одговорност. А тоа може да се направи само во соработка со, иако слабото, но разновидното и животно граѓанско општество.

Конечно, треба да се има храброст, како во Брисел, така и во Берлин и Париз, отворено да се разговара со балканските елити. Но, тоа исто така налага именување на сопствени недостатоци и борба против нив. Бидејќи статус-квото е фатално, пишува за ДВ поранешната германска амбасадорка во Северна Македонија и Црна Гора, Гудрун Штајнакер.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ