Времениот бугарски премиер Марин Рајков ги повика денеска политичките партии во Бугарија да престанат да се расправаат околу скандалот со прислушувањето, со цел да се избегне повторување на немирите пред одржувањето на изборите следниот месец.
– Бугарската демократија е болна. Политичките партии повеќе предизвикуваат скандали, отколку што предлагаат проекти за решавање на кризата, истакна Рајков на заедничката прес-конференција со државниот обвинител Сотир Цацаров.
Тој нагласи дека по масовните протести против сиромаштијата и корупцијата во февруари и март, поради кои тогашниот премиер Бојко Борисов поднесе оставка, „луѓето од улиците си заминале во своите домови, но не простиле или заборавиле“.
– Луѓето повторно би можеле да излезат на улица. Тие само и дадоа шанса на политичката елита и очекуваат решенија, а не скандали, потенцира Рајков.
Кампањата пред изборите на 12 мај ја засенија тврдењата за наводно незаконско прислушување на политичките противници на Борисов, кои ги извршувала поранешната влада. Во јавноста се појавија снимки од прислушувања на водечки политичари, обвинители и бизнисмени.