Експлозијата, која вчера се случи во зграда во центарот на Прага и во која беа повредени 43 лица, од кои едно потешко, предизвикала материјална штета од околу 400.000 евра, информираа од осигурителната компанија каде бил осигуран имотот.
Реалната штета, како што јави дописникот на МИА од чешката метропола ќе зависи од натамошните проценки на инженерот кој ќе ја оценува статиката на зградата и можноста за останување или уривање на истата.
Четирикатниот дом, во кој се сместени канцеларии на повеќе компании и кој е во сопственост на државна фирма, експлодираше околу 10 часот изутрината и според полициски извори причината за тоа е истекување на плин од гасоводната мрежа.
Според бројот на повредени, ова е најголемата несреќа од такви размери во Чешка. Вчерашните информации, говорат дека носечкиот ѕид на зградата каде на вториот кат се случила експлозијата е поместен за пет сантиметри, додека во околината, каде се наоѓа и Филмската академија за сценски уметности и историски познатата кафеана „Славија“ не е оштетена статиката.