Индустриското производство во март бележи пораст од 4,2 проценти во споредба со истиот месец лани, објави денеска Државниот завод за статистика.
Статистичките податоци покажуваат дека во секторот Рударство и вадење на камен има пораст од 8,2 проценти, Преработувачката индустрија бележи пораст од 0,9 проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација порастот изнесува 20,6 проценти.
Според главните индустриски групи, производството во март бележи пораст кај Енергија за 16,2 отсто, Капитални производи за 36,1 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 26,9 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 13,6 отсто.
Опаѓање на индустриското производство има кај Интермедијарни производи, освен енергија за 18,5 проценти.
Зголемување од 2,7 проценти бележи индустриското производство во периодот јануари – март во однос на истиот период минатата година.