Полупразни плажи и ресторани на грчките плажи поради состојбата со коронавирусот. Угостителите и бизнисите кои живеат од туризам, велат дека тешко ќе ја издржат годината со оглед на високите трошоци кои ги имаат и празните капацитети на Халкидики, односно во градот Пефкохори. Тие се надеваат дека идната сезона ќе ги надохнадат изгубените пари од оваа сезона.
„До први март беше одлично. Скоро 75 проценти од капацитетот беше резервиран. Од тогаш, почна се да стагнира. Дојде до откажување на аранжманите. Општиот впечаток е дека луѓето се преплашени. Сакам да им ја кажам реалноста, а тоа е дека немаат причина за страв. Грција е пријателска земја која живее од туризмот, во нејзин интерес е луѓето да доаѓаат овде. Верувајте, нема никакви ограничувања, освен што на една маса можат да седат шест луѓе, а децата не се бројат. Тоа е единствено ограничување што овде е активно. Можете и сами да се уверите на плажите. Чадори, лежалки, има растојание од два метри. Се живее нормално. Се носат заштитни маски, визири“, раскажува Драган Павловиќ, сопственик на бизнис во Пефкохори за српската телевизија „РТС“.
Дел од сопствениците на апартмани кои ги издаваат за време на лето, велат дека годинава останале без ниту еден гостин поради стравот кој го има кај луѓето. Тие се надеваат дека туристите ќе се уверат дека ситуацијата во Грција е стабилна, односно дека е безбедно и ќе отидат да летуваат таму. Во однос на цените, издавачите на апартмани би ги приспособиле согласно потребите на туристите, но, туристи нема.
Собите во Грција се дезинфицираат со посебни средства, по наредба на локалните министерства. Препораките пак, налагаат пешкири и постелнини, туристите да си донесат сами.