И вечерва, седми ден по ред, се одржуваат антивладини протести во Софија и во неколку други поголеми бугарски градови.
Демонстрантите се собраа попладнето околу 17 часот по локално време и се очекува протестот да продолжи до доцна во ноќта, јавија бугарски медиуми. Засилено е присуството на полицијата во бугарскиот главен град.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов го отфрли барањето на претседателот Румен Радев, неговата коалициска влада, соочена со масовни антивладини протести, да поднесе оставка.
– Оставката на оваа влада нема да ја подобри ситуацијата, рече Борисов пред состанокот на владата и ја повика опозицијата да помогне во надминување на кризата.
Тој предупреди дека последиците од пандемијата врз бугарската економија ќе бидат многу сериозни и рече дека на самитот на ЕУ в петок, ќе се заложат дека Бугарија да добие финансиска помош од фондот за обнова од корона-кризата, што треба да изнесува 750 милијарди евра (857 милијарди американски долари).
Илјадници Бугари протестираат со денови на улиците на Софија, барајќи оставка на Борисов и главниот државен правобранител, обвинувајќи ги за корупција и мафијашко однесување. Протестите, во меѓувреме, се проширија во црноморските градови Варна и Бургас и Пловдив на југ.
Протестите почнаа откако главниот правобранител Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот и апсење на двајца соработници на Радев.
Гешев го обвини Радев за неуставно однесување, твитувајќи дека ја нарушил независноста на судството и извршил притисок врз обвинителството.
Протестите ги поддржува опозициската Социјалистичка партија, чии гласови во 2016 година го донесоа Радев за претседател. Следните парламентарни избори се закажани за март 2021 година.