Германската полиција оваа недела изврши голема рација во неколку сојузни покраини, со фокус на акцијата во Баварија, пишува весникот „Зидојче цајтунг“.
Акцијата е насочена кон припадници на екстремно десничарското движење, особено членовите на „Рајхсбергер“, односно граѓани на Рајхот, кои сакаат да ја обноват германската империја, а меѓу нив се наоѓаат и некои поранешни членови на неонацистичката партија НПД.
Интересно е што една од причините за рацијата е илегално увезено оружје, кое дошло на германската екстремна десничарска сцена – од Хрватска. Тоа го објавија повеќето од водечките германски медиуми.
Истражителите пронајдоа неколку полуавтоматски пушки и сачмарки, како и 200 куршуми, но и рачни гранати. Исто така, запленето било мало количество марихуана, нацистички памфлети, лаптопи, мобилни телефони, а едно лице е уапсено. Околу 200 полицајци, вклучително и специјалци, учествуваа во масовната операција, пренесуваат германските медиуми.
Баварското Министерство за внатрешни работи соопшти дека причина за полициската акција е сомнеж за нелегална трговија со оружје, конкретно пратки со оружје кои доаѓаат на германската десничарска сцена од Хрватска.