Борбата против тероризмот не треба да биде жртва на геополитичките игри, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров по видео конференцијата со колегите од Демократска Република Конго, Египет и Јужна Африка.
Коментирајќи го планот на украинските власти да се повлечат од Меморандумот за соработка со Русија во борбата против тероризмот, Лавров рече дека тие се водени од разни документи и дека имаат право да го сторат тоа, јави ТАСС.
Рускиот министер изјави дека тие, исто така, имаат право да изберат како да ја прекинат соработката во различни области.
– Ако сметаат дека ова е најефикасниот начин за заштита на националните интереси, тогаш нека биде така, рече рускиот министер за надворешни работи. Единствено што ни е јасно е дека борбата против тероризмот не смее да биде жртва на геополитички игри, додаде тој.