Регионот е вознемирен од сцените на полициска бруталност кои се случија на синоќешниот протест во Белград.
Тони солзавец, пендреци по грбовите на новинарките кои се обидувале да им помогнат на повредените, клечење на врат, газење, шутирање и влечење на уапсените, тоа е сликата од синоќешните белградски протести.
Протестот на граѓаните кои вчера по 20 часот се собраа пред српското Собрание заврши со нереди, откако полицијата со солзавец и шок бомби се обиде да ги растера демонстрантите.
На социјалните мрежи постојано се појавуваат нови видеа кои ја шокираат јавноста поради полициската бруталност.
Полицијата започна со својата бруталност кога демонстрантите успеаа да се пробијат до вратата на српското Собрание. Тие на видеото ги удираат граѓаните со пендреци, а вознемирени женски гласови се слушаат како извикуваат „Срам да ви е“.
Демонстрантите запалија неколку полициски возила, а фрлале и запалени факли пон полицајците. На вчерашниот протест беа повредени вкупно 43 полицајци, од кои еден со фрактура на черепот и потрес на мозокот.
Српското МВР денеска ги соопшти штетите од протестите. Демонстрантите запалиле пет службени возила, а оштетена била и полициска опрема, односно 71 штит, 63 визири, 19 палки, шест рачни радио станици и 18 шлемови.
Српската јавност очекува претседателот Александар Вучиќ да се огласи за синоќешните протести.
Засега српската премиерка Ана Брнабиќ ја обвини опозицијата за организирање на протестот.
Зад организирањето на протестот досега не застана ниту една организација или партија, а според српските медиуми можно е и вечерва да има протест.