Европската комисија утрово ги објави летните економски проекции за земјите на ЕУ и за еврозоната, сликата е мрачна и се очекува длабока рецесија, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Економијата на ЕУ ќе искуси длабока рецесија оваа година поради пандемијата на коронавирусот, и покрај брзите и сеопфатни политички одговори на ЕУ и на национално ниво. Бидејќи олабавувањето на рестриктивните мерки се одвива на попостепен начин од тоа што очекувавме во нашите пролетни прогнози, последиците врз економските активности ќе бидат позначајни од очекуваното, вака гласи уводот во извештајот за економските прогнози на Европската Комисија за 2020 и 2021.
Анализите на службите на ЕК покажуваат дека во текот на оваа година, економијата на ЕУ ќе се стесни за 8,3 отсто, а во еврозоната стапката достигнува 8,7 отсто. За 2021 се очекува раст од 5,8 отсто во ЕУ и 6,1 отсто во еврозоната. Во споредба, пролетната прогноза на Комисијата предвидуваше рецесија од 7,4 отсто за ЕУ и 7,7 отсто за еврозоната во 2020.
Извештајот го зема предвид фактот дека ризиците остануваат “исклучително високи“ бидејќи е непознато дали во наредните месеци повторно ќе треба да се затворат економиите и да се воведат нови строги рестриктивни мерки доколку вирусот повторно се рашири. Во некои европски региони веќе се јавува нов бран, а есента и зимата би можеле да ја влошат дополнително состојбата.
Анализите на Комисијата тргнуваат од претпоставката дека мерките прогресивно ќе се олабавуваат и дека нема да има втор бран на Ковид-19.
Европската Комисија предупредува дека во посебно кревка состојба е пазарот на трудот, и дека многу компании може да се најдат во ситуација на недостаток на ликвидност, бидејќи загрозена е стабилноста на финансиските пазари.
Европската извршна власт стравува од зголемени протекционистички политики кои би имале „негативни последици“ врз глобалната трговија. Во овој контекст, се повикуваат земјите членки на ЕУ и Обединетото Кралство да не го одлагаат склучувањето на договорот за слободна трговија за кој сѐ уште се преговара. Доколку двете страни не успеат да се договорат за ваква спогодба, се очекува негативен ефект врз економскиот раст, посебно британскиот, вели ЕК.
-Економските последици од рестриктивните мерки се посериозни од очекуваното. Продолжуваме да пловиме во бурни води и се соочуваме со многу ризици, вклучително и нов голем бран на инфекции. Ако ништо друго, оваа прогноза е моќна илустрација дека ни е потребен амбициозен пакет за економско закрепнување, изјави Валдис Домровскис, потпретседател на ЕК задолжен за економијата.
ЕК пред неколку недели презентираше пакет мерки за излез од кризата наречен „Следна Генерација ЕУ“, врз основа на германско-француската иницијатива, но земјите членки на ЕУ не успеваат да постигнат консензус за овој предлог.
Идната недела ќе се одржи првиот физички самит помеѓу 27-те лидери на ЕУ откако започна кризата во март, главна тема ќе бидат иницијативите за економски спас.
Пакетот што го предлага Европската комисија ќе овозможи да се внесат свежи пари во економиите на ЕУ, но тие ќе значат и поголем надзор врз внатрешната политика во земјите членки и поголема солидарност помеѓу нив.