„НСДП ќе се залага за приклучување кон светските напори за намалување на искористувањето на цврсти и фосилни горива. Еден од приоритетите е финансиска поддршка на јавните и приватните објекти да извршат замена на постоечките нееколошки системи за греење со технологии засновани на природни извори на енергија, како и технологии за зголемена енергетска ефикасност на самите објект. Државните установи и институции сметаме дека први треба да го направат овој еколошки исчекор.
Правото на чист воздух е едно од најважните и сигурни сме дека може да се оствари преку низа мерки меѓу кои: изградба на инфраструктура за централно греење во секој град, стимулирање на производство на струја од соларна енергија“, рече Владимир Трајкоски, портпарол на Централен изборен штаб на НСДП.
„Нема дилеми околу потребата за обезбедување здрава вода за сите, но претходно езерата и реките мора да се исчистат од хемикалии и пестициди кои несовесно се истураат во нив. Се залагаме за зачувување на слатководниот жив свет на природните езера со одредување заштитни зони, за искористување на подземните води за наводнување за земјоделските полиња и градското зеленило. Неопходно е да ставиме крај на дивите депонии, да воведеме систем на примарна селекција на отпадот, да го забраниме користењето на отпадот за суровина и енергенси. Да станеме одговорни кон животната средина, а со тоа и кон самите себе.
Дајте ни можност да го реализираме сето ова и на 15 јули гласајте за Коалицијата „Можеме“ и Нова социјалдемократска партија“, изјави Владимир Трајкоски, портпарол на Централен изборен штаб на НСДП.