(ВИДЕО) Спасовски од Чучер Сандево: Во изминатите две и пол години Владата покажа дека се грижи за граѓаните

Од:

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска оствари работна посета на Општина Чучер Сандево.

Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски објасни дека средбата е со цел утврдување на динамиката на тековните активности и проекти во Општината коишто се спроведуваат со поддршка на програмите на Владата.

„Оваа наша активност е во насока на нашата трајна и стратешка определба да овозможиме рамномерен регионален развој и еднакви можности за квалитетен живот за сите наши граѓани, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место. Токму затоа го покренавме овој проект за „Изградба и рехабилитација на локални патишта”, а за неговата оправданост и неопходност говори и самиот факт, дека Светска Банка ни одобри заем во висина од 70 милиони евра“, објасни премиерот Спасовски.

Премиерот уште еднаш ја афирмираше посветеноста на Владата кон грижа за граѓаните и цврстата определеност да ја поддржи локалната заедница.

„Во изминатите две и пол години Владата покажа дека се грижи за граѓаните, а прикажа и цврста определеност да ја поддржи локалната заедница. Согласно таа определба, во Општина Чучер Сандево, во соработка со централната власт се реализирани два проекти од патната инфраструктура со вкупна вредност од 268,292 евра, и тоа делницата за поврзување на Стенковец со делницата А4 од автопатот Блаце-Скопје, како и потегот од Танушевци до границата со Косово“, истакна премиерот Спасовски.

Премиерот изрази уверување дека оваа Влада успеа во поддршка на општините по план со што се допринесува за подобра поврзаност на сите населени места меѓу себе, но и поврзаност со клучните коридори кои се врската на земјата со странство.

„Квалитетната инфраструктура е многу значајна за економски раст и развој, и е едно од клучните барања како на бизнисот, така и на граѓаните. Еден од овие процеси е градењето на нова и санација на постојната инфраструктура, особено во деловите од земјата коишто со години беа заборавени и запоставени. Затоа во Општина Чучер Сандево се реализираат 4 проекти од Програмата за рамномерен регионален развој со вкупна вредност од 9,519,348 денари. Тоа се проектот за разрешување на проблемите со поројните води на Скопска Црна Гора со посебен акцент на Општините Чучер Сандево и Бутел, потоа проектот за воспоставување на систем за следење на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопската котлина, кој е од особено значење за општината која посветува исклучително внимание на еколошките предности на Чучер Сандево, проектот Реконструкција на примарна и секундарна водоводна мрежа за село Блаце, како и рехабилитацијата на дел од локалниот пат за село Блаце“, ги акцентираше проектите премиерот Спасовски.

Тој ја акцентираше поддршката на Владата во последните три години за поддршка и еднаков развој на општините за да се обезбедат подобри услови за живот за сите граѓани во Република Северна Македонија.

„Во таа насока должно внимание посветивме и на поддршката на подобрувањето на условите во училиштата во општините. Во Чучер Сандево се спроведуваат два проекти со вкупна вредност од 9,219,437 денари за реконструкција на целиот објект на училиштето „Александар Урдаревски“ Блаце во село Блаце, како и подготовка на техничка документација за изградба на ново во општината. Владата учествуваше и во опремувањето на детската градинка во Чучер Сандево, во вредност од 7,546,100 денари“, потенцираше премиерот Спасовски.

Тој во завршницата на својата изјава ги истакна предностите што Општина Чучер Сандево ги има како исклучиво рурална Oпштина во која примарна гранка за егзистенција е земјоделството.

„Во таа насока го охрабрив градоначалникот со поголема нагласка да го афирмираат проектот за поддршка на млади земјоделци во висина од 10,000 евра за период од 3 години и која во идните години ќе биде уште повисока. Исто така, природното богатство кое го поседува како и близината на граничниот премин овозможуваат развој на општината и од прекуграничните програми на Европската Унија за што е неопходно градоначалниците и претставниците на локалната власт да понудат квалитетни проекти. Како што знаете на самитот на ЕУ за Западен Балкан во Загреб во мај, беше најавена и голема финансиска поддршка за економски развој и за инфраструктурни проекти за локалните заедници во регионот, и секој изграден капацитет за подготовка на проекти е од извонредно значење за пресврт во напредокот на општините“, финално истакна премиерот Спасовски.

Градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Јован Пејковски ја истакна својата благодарност за сите реализирани проекти во соработка со Владата бидејќи како што истакна тој без таа соработка Општината сама никогаш не би можела да ги реализира и потенцираше дека очекува веднаш после изборите да продолжи квалитетната соработка на исто ниво и само да продолжи да се унапредува.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада