Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денес дека планира поцврста контрола врз социјалните медиуми, по наводните навреди упатени кон неговата ќерка и зет кои на Твитер го најавија раѓањето на четвртото дете.
Во телевизиското обраќање, Ердоган рече дека неговата влада е „решена да воведе закони што ќе ги принудат компаниите-сопственици на социјалните мрежи да воспостават правно присуство во Турција,“ што би значело дека ќе одговараат пред турските закони.
Исто така, според Ердоган, на тој начин овие компании би морале да бидат финансиски одговорни.
– Дали гледате зошто се противиме на социјалните медиуми, како што се Јутјуб, Твитер, Нетфликс и други? Неопходно е овие канали да се стават под контрола, рече турскиот претседател.
Министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу изјави дека бројни корисници на социјални медиуми биле приведени во текот на ноќта затоа што наводно преку Твитер ја навредувале ќерката на Ердоган, неговиот зет, кој е министер надлежен за економијата на земјата и новородениот син.