Единствена работа што ми е важна во моето работење е тоа дали е сторено кривично дело и дали јас имам доволно докази за да поднесам обвинение. Досега сум се водела од тие принципи и сигурно до крајот на кариерата ќе се водам по нив, изјави обвинителката Вилма Русковска, по денешното рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“ на кое одбраната побара нејзино изземање.
Русковска, посочи дека само на кратко го видела писменото барање доставено до ОЈО за нејзиното изземање.
– Она што успеав да видам апсолутно не држи, односно не е основ за мое иземање. Но, сепак оставам за тоа да одлучи Јавниот обвинител на Република Македонија. Можам да изјавам дека за цела моја кариера никогаш пристрасно не сум се однесувала према ниту еден предмет, а сум сработила можеби повеќе од околу илјада и нема никогаш да си дозволам емоции или било што друго да ме води при постапување на предмет, изјави Русковска.
Прашана за нејзините очекувања од овој судски процес, Русковска, рече дека како обвинител очекува да докаже дека обвинетите се виновни.
– Очекувам да докажам дека обвинетите ги сториле делата коишто им се ставаат на товар, изјави Русковска.
Во однос на новиот закон за ЈО и дали очекува поранешните обвинители од СЈО да бидат дел од нејзиното обвинителство, Русковска рече дека има инетрен оглас и секој што исполнува одредени услови може да конкурира.
– Видете, има оглас, тоа е интерен оглас затоа што да бидеш член, односно обвинител во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција треба да исполнуваш одредени услови. Секој што ги исполнува условите може да конкурира, а кој ќе биде, односно кои ќе бидат избрани тоа одлучува Советот, истакна Русковска.