Дава резултат јавната објава на имињата на лицата кои одбиваат да ги примат решенијата за самоизолација. Директорката на државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова – Бухова вели дека се забележува подобрување, но проблемот со доставувањето на решенијата е далеку од решен.
„Мерката секако придонесе овие денови да добиваме значително поголем број мејлови во кои граѓаните пријавуваат дека не добиле решение, по било која основа. Меѓутоа, се уште е рано да кажеме дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема проблем при доставувањето на решенијата“, вели директорката Сотирова – Бухова.
Секојдневно преку пошта им се враќаат решенија, па точна бројка на решенија кои не се доставени од ДСЗИ најавија утре.
Имињата на 138 граѓани кои одбиле да примат решенија за изолација беа објавени на 26 јуни. За јавна објава на имињата, министерот за здравство Венко Филипче рече дека се решиле откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат регистрирал 450 решенија кои граѓаните одбиле да ги примат или биле пријавени лажни адреси. Јавното објавување министерот го најави на 15 јуни, кога извести дека имаат неподелени 450 решенија, а единаесет денови подоцна, нивниот број се намали на 138, колку што беа објавени.
Министерот Филипче нагласи дека се работи за лица кои се огромен ризик за околината ако се асимптоматски носители на вирусот и доколку се движат и не почитуваат самоизолација, може да ја шират болеста.
Поради проблемите во доставувањето на решенијата покрај инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и полицијата, во подготовка и делење на решенијата вклучена беше првната служба од Собранието.
Денес Министерството за внатрешни работи извести дека на територијата на целата држава на вкупно 522 лица им се издадени решенија за изолација, а 7 лица потпишале изјави за самоизолација.