Мандатарот за состав на новата италијанска влада Енрико Лета денеска ги почна консултациите за формирање широка коалиција.
Првите консултации Лета ги имаше со своите поранешни левичарски сојузници кои кажаа дека нема да го поддржат бидејќи во владата ќе им даде место и на конзервативците на поранешниот премиер Силвио Берлускони, пренесоа американските медиуми.
Доколку успее да состави влада, Лета (46) ќе биде еден од најмладите европски лидери, забележуваат француските медиуми.
Тој изјави дека сака влада која повеќе ќе води сметка за потребите на „обичните“ Италијанци и ќе инсистира да не се спроведуваат остри мерки за штедење.
Се очекува мандатарот да избере група министри, најверојанто мешавина од политичари и технократи, под водство на Наполитано, чиј повторен избор минатата недела, без преседан во поновата италијанска историја, го отвори патот за завршување на политичката криза во земјата, наведоа британските медиуми.
Партијата на Берлускони Народ на слободата, ДП и центристичкото движење Граѓански избор на премиерот во заминување Марио Монти, најавија дека ќе соработуваат со мандатарот на Наполитано, без разлика кој ќе биде.