Околу 76 проценти од Русите одобруваат реформа што ги зајакнува овластувањата на претседателот на земјата, Владимир Путин, покажуваат излезните анкети од референдумот, објавени денеска.
Од 25 јуни до 1 јули во Русија се одржува референдум за уставни измени, а причина за неколкудневното гласање е обид да се спречат групирања на избирачките места поради епидемијата на коронавирус.
Институтот Втсиом објави дека 76 проценти од испитаниците рекле дека се за измените што ги предложи рускиот претседател, додека 23,6 проценти се против.
Анкетата беше спроведена од 25 до 28 јуни и опфати 163.000 луѓе. Околу 70,6 проценти од испитаниците се согласиле да одговорат.
Институтот Втсиом ги објави резултатите од анкетата пред крајот на референдумот поради „големиот интерес“ за овој вид на информации, како и поради недостиг на законска забрана. Институтот ја отфрли можноста дека објавата може да влијае на референдумот.
Со реформата предложена од Путин, би му се овозможило да остане на функцијата претседател уште два мандата, односно до 2036 година, кога ќе има 84 година. Според законот кој сега е во сила, Путин треба да се повлече од функцијата во 2024 година. Освен мандатот, со уставната реформа тој ќе добие зголемени ингеренции за именување или разрешување судии.
Руската опозиција предупреди дека станува збор за „фарса“, која треба на Путин да му овозможи доживотен мандат.