Болниците во земјава почнуваат да ја нормализираат работата, посочи денеска од Штип, министерот за здравство, Венко Филипче.
-Распоредот за враќање во нормала и распоред на пациентите коишто беа одложени заради Ковид кризата е веќе направен и дел од клиниките веќе ја нормализираа својата работа согласно тоа дали даваат лекари и сестри во системот на ротација или не. Знаете дека сега е најголем притисокот на инфектолозите, интернистите, анестезиолозите. Една од главните причини зашто се одложуваа интервенциите беше за да се ослободат анестезиолозите и да може да помогнат и во интензивното лекување во болницата „8 Септември“ и на Инфективната клиника, рече Филипче.
Во однос на тоа кога ќе почне со работа системот „Мој термин“, Филипче вели дека за дел од интервенциите и клиниките веќе кон крајот на следната недела, а за останатите ќе почекаат, за да видат, како се одвива интензитетот на дијагностицирање на нови пациенти.