Индиското Министерство за надворешни работи денес соопшти дека ставот на земјата за случувањата во западниот сектор од границата со Кина е дека е утврдено оти Кина извршила активности што предизвикаа зголемување на тензиите во регионот
Единици на двете земји овој месец влегоа во отворен судир на границата, во кој беа забележани десетици жртви од двете страни, а конфликтот ги предизвика страв од војна меѓу двата азиски гиганти.
Според портпаролот на индиското МНР, Равиш Кумар, кинеската страна презела активности за да го спречи востановеното, нормално патролирање на Индија во долината Галван.
„Кон средината на мај, кинеската страна се обидуваше да го промени статус-квото во други области на Западниот сектор. Ние упативме протест поради кинеските активности и преку дипломатскиот и воениот канал и јасно ставивме до знаење дека секоја таква промена е неприфатлива за нас“.
Портпаролот нагласува дека високи команданти се состанале на 6 јуни 2020 година и се согласиле за процес за деескалација со реципрочни активности.
„Двете страни се согласија да почитуваат и да не преземаат никаква активност за промена на статус кво“.
Тој објаснува дека кинеската страна се повлекла од тие ставови и дека „кинеските трупи презедоа насилни активности на 15 јуни 2020 година, што директно резултираше со жртви. Обете страни остануваат распоредени во голем број во регионот, додека воените и дипломатските контакти продолжуваат“.
Портпаолот наведува дека од почетокот на мај, кинеската страна собира голем контингент војници и вооружување долж тој сектор.
„Ова не е во согласност со одредбите на нашите различни билатерални договори, особено клучниот договор од 1993 година за одржување на мирот и смиреноста по должината на линијата на реална контрола во граничните области Индија-Кина“