За една недела, во Министерството за внатрешни работи евидентирани се нови девет заболени вработени од коронавирус. Со ова, вкупниот број се искачи на 77 активни случаи на ниво на МВР. Истовремено, се намалува бројот на вработени кои добиле решение за самоизолација.
Заболени од коронавирус има во повеќе единици при министерството, меѓу кои се Единицата за брзо распоредување, Единицата за специјални задачи, Одделот за гранични работи и миграција, Кабинет на министер, Бифе на МВР, Одделот за обезбедување на лица и објекти како и во дел од Секторите за внатрешни работи на ниво на држава.
„А1он“ побара статистика од МВР за тоа во кој оддел, колку заболени има, но не доби информација. Исто така, оттаму не одговорија колку од вработените се заразиле додека биле на работното место.
Според статистиките, бројот на вработени кои биле во самоизолација поради контакт со заболено лице се намалува за 44 лица. Односно, пред седум дена од МВР информираа дека 283 вработени биле во изолација, а сега бројот е 239 лица.
Од изолација излегоа државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Магдалена Несторовска и четворица вработени, кои добија решенија откако во епидемиолошките анкети кажале дека претходно имале контакт со заболените вработени во бифето на МВР.