ЕУ ги одобри вонредните мерки за поддршка на земјоделскиот сектор, силно погоден од кризата со Ковид-19. Земјоделците ќе можат да добијат до седум илјади евра помош, јави дописничката на МИА од Брисел.
Помошта е наменета за најтешко погодените земјоделци и земјоделски мали и средни претпријатија. За фирмите е предвидена поддршка до 50 илјади евра, освен за оние активни во риболовниот сектор.
Парите доаѓаат од веќе постоечки фондови за рурален развој.
„Кризата со Ковид-19 е голем тест за солидарноста на ЕУ. Усвојувањето на овој акт денес ќе им помогне на многу земјоделци и мали компании да продолжат да работат, изјави хрватската министерка за земјоделство,“ Марија Вучковиќ.
Критериумите за селекција се однесуваат, меѓу другото, на земјоделскиот сектор, структурата на фармите и начинот на одгледување, маркетингот и бројот на сезонски работници.