Британскиот премиер, Борис Џонсон, денеска пред Долниот дом на британскиот Парламент соопшти дека мерката на задолжителното социјално дистанцирање од 4 јули ќе се намали од два метра на еден метар, заедно со низа други олабавувања на заштитните мерки протиц ширењето на коронавирусот.
Како што пренесуваат локалните медиуми, Џонсон на граѓаните им препорачал да останат на два метра растојание секогаш кога е тоа можно, а во спротивно треба да се придржуваат до правилото за еден метар и да носат заштитни маски за да се намали можноста од инфекција со коронавирусот.
Премиерот исто така потврди дека од 4 јули се отвораат и пабовите, рестораните, кината, хотелите, музеите и галериите. Ова е најзначајното олеснување на мерките од нивното воведување, на 23 март.
Независни медицински експерти предупредуваат дека стапката на инфекција со коронавирус е сè уште премногу висока за вакви мерки за олеснување.