Полицијата во јужниот туниски град Татауин денеска фрли солзавец за да ги растера демонстрантите кои го кренаа својот глас против високата невработеност во областа.Тие фрлаа камења кон припадниците на полицијата и ги блокираа патиштата во градот, пренесоа британските медиуми, повикувајќи се на очевидци.
Демонстрантите ја повикаа владата да го спроведе договорот од 2017 година за создавање работни места во нафтените компании и инфраструктурни проекти за намалување на невработеноста, која во оваа област во моментов изнесува околу 30 проценти, што е една од највисоките стапки на невработеност во Тунис, пренесоа британските медиуми.
„Ситуацијата во нашата област е опасна. Од прозорецот на мојата куќа видов како полициските сили фрлаат солзавец и бркаат млади луѓе,“ изјави очевидецот Исмаил Смида.
Друг сведок, пак, кажа дека имало судири меѓу полицијата и стотиците демонстранти, кои фрлале камења, блокирале патишта и извикувале: „Нема да се откажеме, го сакаме нашето право на развој и работни места“.
Во 2017 година се одржаа протести поради недостатокот на работни места во провинциите Татауин и Кебили, што влијаеше врз производството на нафта и природен гас во областа каде што работат француската компанија „Перенко“ и австриската ОМВ.
Тоа доведе до договорот, во кој беа ветени работни места во нафтените и развојни проекти, но демонстрантите тврдат дека договорот не е спроведен и по три години од постигнувањето.