МАНУ го промовираше четвртиот том од Собраните дела на Мисирков

Од:

Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) денеска го промовираше четвртиот том од Собраните дела на Крсте Мисирков, Дневнички и мемоарски записи (1903-1913-1923).
Читањето на ова издание кое, како и претходните три, го подготви академик Блаже Ристовски, овозможува интерен разговор со Мисирков на теми временски лоцирани во години судбински за Македонците.

Како што беше истакнато на промоцијата, текстовите содржани во четвтриот том носат многу значајни, дополнителни индикации за идните истражувачи на животот на Мисирков и неговиот опус. Со нив практично почнува критичкото претставување на документарното ракописно наследство од кодификаторот на современиот македонски литературен јазик и правопис.

– Четвртиот том ги содржи само трите достапни дневнички и мемоарски записи на Мисирков создавани во растојание од по 10 години од неговиот краток творечки век, но тие ознаменуваат важни етапи од новата македонска историја, Илинденското востание, Балканските војни и поделбата на Македонија со Букурешкиот договор, како и крајот на Првата светска војна со Версајските мировни договори што ја потврдија поделбата во 1923 година, посочи Ристовски.

Во предговорот на делото тој вели дека по шестдецениско запознавање и истражување на делото на Мисирков, чувствува научен, морален, патриотски и човечки долг да му го претстави на својот народ заокружениот опус на најзначајната и најоспоруваната личност во македонската понова историја.

– Од Мисирков има уште многу да се научи. Да се потрудиме да го пренесеме во сегашниот момент, да ја имаме неговата храброст и упорност, да не отстапуваме, да не дозволиме да не збунат па да си поставуваме прашања самите себе си зашто таквите прашања се само сомнеж, а сомнежите во нештата како што е Македонија не треба и не смее да ги има, подвлече промоторот на делото, професорката Снежана Веновска-Антевска.

Дневничките и мемоарски записи поткрепени со 539 фусноти овозможуваат вбројување на Мисирков во низата повеќејазични македонски писатели од првата половина на 20 век. Преку нив, како што рече промоторот проф. д-р Димитар Пандев, рецепцијата на делото на Мисирков се надополнува со уште една димензија, уметничколитературната. Воедно се отвора темата за литературните заложби и креативните можности на Мисирков, за неговиот однос кон литературата како одраз на стварноста, односно за вклопување на стварноста во литературата.

– Мисирков секогаш има причини за литературно дејствување и секогаш тргнува од множество погледи при разгледувањето на објектот на литературната обработка. Како и да ја води нарацијата, секогаш реторички ја доведува до една иста, тогаш актуелна за него тема, автономија на Македонија, потенцира Пандев.

Мисирков, додаде, имал творечки потенцијал да биде голем писател на своето време, како што сакал да ја види Македонија автономна и одделна и како што сакал неговото дело да го читаат следните генерации Македонци.

– Мисирков создал згусната мемоарска проза. Го заслужува свеото место во низа македонски автобиографии, чии автори во некоја своја особеност биле нај, почнувајќи од Ѓурчин Кокале, преку Прличев до Цепенков. Автобиографии пишуваат големите луѓе на народот, а мемоари националн личности во пресудни времиња, напомена професорот.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање