Бројот на заразени со коронавирусот во Бразил достигна 1.038.568, а од Ковид-19 починаа 49.090 луѓе, соопшти Министерството за здравство на таа земја.
Вчера беа регистрирани 1.206 нови смртни случаи, а поставен е нов рекорд по бројот на новозаразени, откако за еден ден беа потврдени нови 54.771 заразени.
Со ова, Бразил стана втора земја во светот што потврди повеќе од милион случаи на коронавирус и е на второ место во светот во однос на бројот на заразени и бројот на починати, по САД. Веќе четврти ден по ред бројот на починати е поголем од 1.200.
Експертите веруваат дека бројот на заразени е далеку поголем, а пандемијата во Бразил особено го погоди најсиромашното и домородното население.
Претседателот Жаир Болсонаро смета дека вирусот корона не е многу опасен и го нарече „мал грип“, и во повеќе наврати се конфронтираше со државните гувернери и градоначалниците кои воведоа ограничувања заради борба против Ковид-19. Болсонаро смета дека економските последици од овие мерки ќе бидат полоши од самиот вирус.