Од Ресурсен центар реагираат на вчерашната прес конференција на Иванка Василевска од ВМРО ДПМНЕ.
Во реакцијата на „Ресурсен центар“ се наведува дека за Претседател на Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби едногласно од Управниот одбор била избрана Јасна Мандиќ, а после четири години повторно била реизбрана.
„Заради новонастанатата ситуација, на 4 декември 2019 година Јасна Мандиќ официјално се обрати до Управниот одбор на Ресурсен центар со изјава дека отстапува од функцијата претседател и член на Управниот одбор на здружението“, пишува во демантот.
На 25 декември 2019 година за претседател на Ресурсен центар е избрана Ребека Јанковска Ристевски.
„Од горенаведеното јасно е дека Ресурсен центар не е сопственост на ниедна индивидуа. Остро ја демантираме изјавата која беше дадена на прес конференција од страна на политичката партија ВМРО ДПМНЕ. Истата изјава е базирана на голем број невистини за кои ние како Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби бараме јавно извинување на Иванка Василевска и нејзината политичка партија“, пишува во соопштението од Ресурсниот центар.
Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби започна со активна работа во 2014 година како родителска организација со мисија да им служи на сите деца и лица со посебни потреби и нивните семејства преку обезбедување на поддршка, помош, пристап до информации и обезбедување на остварување на нивните права.