Во изминатите два дена во Србија се регистрирани вкупно 190 нови случаи на коронавирус.
Имунологот и член на владиниот Кризен штаб, Срѓа Јанковиќ, оцени дека има причина за загриженост, но дека верува оти не станува збор за втор бран на коронавирусот.
-Повеќе би го нарекол ова опашка на епидемија, изјави Јанковиќ за „ТВ Прва“.
Јанковиќ посочи дека сега повеќе од кога и да било претходно е важно луѓето да носат маски во затворен простор и да ја задржат дистанцата, бидејќи бројот на заразени лица укажува на тоа дека коронавирусот не поминал.
Тој кажа дека собирите се дозволени бидејќи бројот на пациенти го овозможил тоа, но предупреди дека тоа може да се промени.
Доколку има зголемување, препораките може соодветно да се променат… Ако задржиме физичко растојание и ако повеќе луѓе прифатат да носат маска, сè би било под контрола. Но, ако тоа не е случај, можеби ќе треба повторно да преземеме рестриктивни мерки, како што е забраната за собири, порача Јанковиќ.
Според Јанковиќ, меѓу заразените има и такви со потешка клиничка слика, но повеќето се млади луѓе со поблаги симптоми.
Од друга страна, инфектологот Драган Делиќ за „Данас“ изјави да нема докази дека вирусот е ослабен, а за да се тврди вакво нешто, неопходно е да се има основа во сериозна студија, а таквата студија не постои.