Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен скопјанец, осомничен за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и трговија до оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 2 јуни, пред зграда на улица „Струмичка“, неовластено држел огнено оружје – пиштол марка „Глок“ со калибар 9 мм. Истиот ден тој се движел со моторцикл без регистарски таблици, а на себе носел панцир. Во еден момент го пресретнале непознати лица, кои кон него испукале повеќе проектили, нанесувајќи му повреда во левата потколеница. Осомничениот возвратил со 6 куршуми, по што се сокрил во влез од зграда, а пиштолот се обидел да го сокрие во сандаче на ЕВН.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка куќен притвор за осомниченото лице, поради опасност од бегство, можност да се обиде да ги скорие трагите или да го повтори кривичното дело.