Со конгресменот Кери Бентиволио, републиканец од Мичиген, Групата на пријатели на Македонија во американскиот Конгрес сега брои 18. Планираме до крајот на годината, бројот на пријатели да се зголеми на 35 законодавци, вели Мето Колоски претседателот на Обединетата македонска дијаспора, со седиште во Вашингтон.
Колоски посебно го истакнува фактот дека Мичиген е дом на повеќе од 120.000 Американци од македонско потекло и затоа, вели конгресменот Бентиволио е особено важен за македонската кауза во САД.
– Важно е Македонија да има група на конгресмени на кои може да се повика за кои било прашања, дали се работи за прашањето за името, за состојбата со човековите права на Македонците во соседните земји, членството во НАТО или безвизниот режим на САД, за кој Македонија има интерес да се најде на листата-земји. Оваа група на пријателство нам, Македонците во САД, ни овозможува глас во Конгресот, вели претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), Мето Колоски, во интервјуто за Гласот на Америка на македонски.
Тој најави дека ОМД ја продолжува кампањата за членство на Македонија во НАТО, информира Колоски. Во следните неколку месеци организацијата на македонската дијаспора ќе испратати писмо до државниот секретар Џон Кери, потпишано од конгресмените – пријатели на Македонија, со поддршка за влез на земјата во Алијансата, но и со пошироко барање – проширувањето да не запре и за другите аспиранти од Балканот, како Црна Гора и Босна и Херцеговина.
ОМД ќе иницира и активности за поголема гласност за состојбата со човековите права на Македонците во Грција, по последните случувања, на, како што потенцира Колоски, новиот бран екстремизам со партијата Златна зора.
Четвртата годишна глобална конференција на ОМД ќе се одржи летово во Македонија, во контекст на одбележувањето на 100 години од Букурешкиот договор, информира Колоски.
– Сакаме со оваа конференција да ги зацврстиме нашите позиции и да добиеме поголема поддршка од македонската дијаспора, и, на некој начин, да му покажаме на светот дека опстанавме и не одиме никаде“.
Колоски го поздрави продлабочувањето на врските меѓу татковината и дијаспората, особено со застапеноста во македонското собрание преку пратеник од САД и Канада.