Во ера на дрскост, трезвен и нормален холандски премиер

Од:

Њујорк тајмс

Тој сака да оди на работа со велосипед. А ако не му се брза, тогаш ќе седне во својот стар „сааб“, паркиран пред скромен стан во Хаг. Тој го плаќа своето кафе и стои во ред како и сите други. На рејв-фестивал, игра со другите посетители. Во ера на груби и дрски популисти, кои не обрнуваат внимание на законите и обичаите, Марк Руте (53), холандски премиер и еден од лидерите во Европа со најдолг стаж, цврсто верува во играње според правила.

Ретки се оние кои беа изненадени од изјавата на Руте дека, во согласност со прописите донесени за спречување на ширењето на коронавирусот, тој не ја посетил својата 96-годишна мајка во дом за стари лица, неколку недели пред нејзината смрт.

Во тоа време, во Британија сите зборуваа за Доминик Камингс, првиот советник на премиерот Борис Џонсон, кој возеше 420 километри за да ги види своите родители, за време на карантин. Јарослав Качински, лидер на владејачката партија во Полска, отиде на гробишта иако тоа беше забрането. Во САД, претседателот Доналд Трамп ширеше лажни обвинувања за убиство, ги потценуваше своите ривали, играше голф и одбиваше да носи маска.

Премиерот Руте на 25 мај издаде кусо соопштение. Тој информира дека неговата мајка Мике Руте-Дилинг починала две недели претходно. Во согласност со холандските регулативи, тој можел да остане со неа последната ноќ, соопшти подоцна неговиот кабинет. Неколку часа по нејзината смрт, тој излезе пред новинарите да зборува за коронавирусот и одржа еден состанок.

Постои една изрека што ја опишува холандската култура „doe maar gewoon“ или „само биди нормален“. Том-Јан Меус, политички колумнист за дневниот весник НРЦ Хандесблад, објаснува дека оваа изрека ја опишува и личноста на премиерот.

– Тој е старомоден Холанѓанец. Нема тука многу претераност.

Руте ја предводи Народната партија за слобода и демократија, партија на десниот центар. Тој не е оженет и не се грижи многу за неговиот политички имиџ, велат оние што го познаваат.

– Тој е најтрезвен од сите европски лидери, вели Дидерик Самсом, поранешен претседател на Лабуристичката партија.

– Тој не поседува многу, апсолутно не го интересираат материјални нешта и буквално живее за својата работа, 24 часа на ден, седум дена во неделата.

Неговиот здраворазумен пристап кон политиката му овозможи да ја задржи Холандија на добро утврдениот пат на држава на благосостојба. Избори ќе се одржат следниот март, а популарноста на Руте значи дека тој веројатно ќе го освои својот четврти четиригодишен мандат.

Ниту една партија нема мнозинство во Парламентот, па компромис за формирање коалиции е обврска. Тое е толку вкоренето што има свој термин „полдермодел“. Полдер е „земја земена од морето“, така што оваа кованица се потпира на средновековното холандско општество, кое се обединило за да се изградат брани и канали и да се овозможи живот.

– Тоа создаде еден колективистички инстинкт, затоа што сите мораа да работат заедно – во спротивно морето ќе нè потопеше, вели Расел Шорто, Американец кој ја напиша историјата на Амстердам.

– Слично на тоа, полдермоделот многу го цени консензусот. И ако имате предвид дека постојат десетина политички партии и дека Марк Руте е на власт десет години, јасно е дека тој покажа дека е мајстор за создавање и одржување консензус.

Би можело да ве интересира

Напад во Ротердам: Едно лице е убиено, а друго тешко рането во холандскиот пристанишен град

Холандија и донира на Украина 24 авиони Ф-16, може да ги користи за цели во Русија

Катерина Ѓуровски

Холандија е дисквалификувана од Евровизија

Холандскиот непријател број еден по грешка е ослободен од затвор

Горан Наумовски

Холанѓанец ја тужи државата и полицијата бидејќи го ставиле на списокот на потенцијални терористи

Холандија и дава уште 400 милиони евра на Украина