Џохар Царнаев, еден од двајцата осомничени за бомбашкиот напад на Бостонскиот маратон, ќе биде суден од Федералниот суд, но нема да биде третиран како непријателски борец, соопшти денеска Белата куќа.
– Кон него нема да се однесуваат како кон противник кој дејствувал како непријател. Ние ќе го судиме како терорист во рамките на нашиот граѓански судски систем во согласност со законодавството на САД, истакна портпаролот на Белата куќа Џеј Карни.
Царнаев по потекло е Чеченец, натурализиран американски граѓанин. Според Карни во согласност со американските закони државјаните на САД не можат да бидат судени од воени комисии.
Поголем број конгресмини побара од администрацијата на Барак Обама на Царнаев да му се суди како на непријателски борец, со цел посилно да му бидат ограничени правата и да се зголеми времето за распит.