Пред две години на 17 јуни на неколку километри од тука на грчката страна на Преспа презедовме одговорност и напишавме историја. Наша одговорност беше да го решиме отвореното прашање кое ја загрозува иднината на нашата држава. Ја презедовме одговорноста, го решивме спорот, постигнавме Договор со Грција. Како резултат на тоа, денес имаме горди граѓани и држава која е на вистинскиот пат. Сега треба да го направиме следниот чекор. Да организираме избори, да избереме парламент и влада кои ќе го задржат исправниот курс и да ја надминеме корона кризата.
Ова го истакна лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев, кој придружуван од техничкиот премиер Оливер Спасовски на двегодишнината од Преспанскиот договор го посети регионот и селото Љубојно.
Наша одговорност и света должност, додаде Заев, беше да го зачуваме идентитетот македонски, и не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме.
– Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишаа во ризницата на светските народи и јазици и никој повеќе нема дилеми. Никој повеќе не го оспорува тоа. Го направивме изборот. Избравме иднина, наместо неизвесна и бесмислена изолација во која не втурна бесмислената политика на режимското владеење, вели Заев.
Презедовме одговорност, рече лидерот на СДСН, која никој не ја презеде речиси три децении. Тој посочи дека генералниот секретар на ОН, Гутереш го вброи Преспанскиот договор како едно од најголемите дипломатски постигнувања во целиот свет, а најголемите светски лидери ни оддадоа признание за консолидацијата на Балканот и за нашиот придонес за стабилноста и развојот на нашиот регион.
– Покажавме дипломатска доблест, храброст, достоинство и политички став. Тоа се вредности на современата политика, тоа се вредности на НАТО и ЕУ и тоа беа последните чекори во полноправното членство во НАТО и до рамката за преговори за членство во ЕУ, истакна Заев.
Нашата земја, нагласи тој, помина низ многу крстопати и во клучните моменти секогаш избираше иднина. Заев посочи на Илинден, на АСНОМ и на референдумот од 1991 година, како најважни историски моменти од борбата за нашата независност и државност.
– Избравме самостојност, мир и стабилност. Избравме да бидеме дел од демократскиот свет за да создадеме можности за подобар живот за нашите деца. Како резултат на тоа, денес имаме горди граѓани и држава која е на вистинскиот пат. Сега треба да го направиме следниот чекор. Да организираме избори, да избереме парламент и влада кои ќе го задржат исправниот курс и да ја надминеме корона кризата. И во време на здравствена и економска криза да продолжиме по патот кој обезбедува подобар живот, повисок стандард, посигурни граници и припадност во семејство од нации ориентирани кон иднината, порача Заев.
Тој ја поддржа иницијативата токму во Љубојно да се отвори Центар за промоција на македонскиот јазик во просториите на старото училиште.
– Како што бев горд минатата година кога ја предводев владата на Република Северна Македонија што го востанови 5 Мај како Ден на македонскиот јазик во чест на Решението на Народната влада на тогашна Федерална Македонија од 1945 година за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконување на првиот правопис на македонски јазик. Така сум горд и денес што сум дел од овој прекрасен настан како поддржувач на иницијативата за основање на Музеј на македонскиот јазик. Македонскиот јазик е нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина, нашето вчера, денес и утре. Македонскиот јазик е наша насушна потреба како лебот што го јадеме и како водата што ја пиеме. Се дури постојат Македонци кои чекорат по оваа наша земја, но и по други земји од светот ќе постои македонскиот јазик. Аналогно на тоа, се дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, рече Заев.
Тој изрази и надеже дека и македонските политичари, како што вели, еден ден ќе успеат да се разберат на македонски јазик.
– Се надевам дека еден убав ден мојот сон ќе стане јаве и дека ќе успееме конечно ние македонските политичари да се разбереме на убав македонски јазик и дека некои од оние кои упорно не сакаат да се разберат ќе ја сфатат својата грешка дека Блаже Конески не е џуџето од Небрегово, како што го нарекуваат, туку најзаслужниот за кодификацијата и стандардизацијата на македонскиот јазик и дека не смее да се случи повторно Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ да биде маргинализиран како што беше во времето на нивното владеење. Се надевам исто така дека ќе ги пронајдеме најубавите зборови од македонскиот јазик како што се разбирање, единство, помирување, а не најлошите со кои се отуѓуваме, разединуваме и ја продлабочуваме поделбата, истакна Заев.