Од 15 мај почнува воведувањето на електронски рецепт во здравствениот систем, прво како пилот-проект, а од почетокот на јуни ќе се спроведува на цела територија на Македонија. Овој период од 15 мај ќе се искористи за целосно довнесување на сите податоци и тестирање на околината и ќе трае 15 дена.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека со електронскиот рецепт се постигнува брзо, ефикасно и безбедно издавање на лекови, поедноставување на постапката за креирање и реализација на рецепти, генерирање на извештајот со добиени податоци со цел да се креираат натамошни набавки и да се следи потрошувачката на лекови по различни основи-пол, возраст и регион.
– Е-рецептот е уште еден сегмент од процесот на информатизација на здравството што се реализира во рамки на проектот на Министерството и е дел од интегрираниот здравствен информатички систем. Проектот го реализира Министерството заедно со Фондот за здравствено осигурување и Институтот за јавно здравје и во соработка со сите здравствени установи и институции. Во останатиот период паралелно ќе егзистираат двата облика на рецепти-хартиениот и новиот електронски рецепт, рече Тодоров.
Посочи дека сите законски регулативи поврзани со издавањето на лековите ќе се применуваат и натаму.
– Идејата е кога матичниот лекар го препишува рецептот тоа да се одвива на едноставен електронски формулар до кој пристап има само тој и става електронски потпис на рецептот. Кога пациентот ќе отиде во аптека да го подигне лекот само ја дава електронската здравствена картичка или го кажува својот матичен број или единствениот здравствен број на осигуреникот и таму се гледа кој лек му е препишан на пациентот и му се издава, истакна Тодоров.
Појасни дека на овој начин точно ќе се знае кој пациент кои лекови ги користел во кој временски период и се добива точна евиденција за тоа што се случува во здравствениот систем и може да се следи работат на матичните лекари-кои лекови се издаваат кое е нивното дозирање итн.
– Она што е најбитно, а што ќе следи при поврзување на овој систем за електронски рецепт со системот што го развивање на виртуелниот магацин на лекови тогаш секој матичен лекар ќе знае во која аптека го има лекот кој му треба на пациентот. Ова заштедува време на пациентот, креираме многу точна здравствена статистика која е пресудна за точно креирање на здравствени политики, додаде Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во моментов сите аптеки ги внесуваат сите податоци за залихата на лековите која ја имаат, а истото се случува и со веледрогериите кои ги увезуваат лековите.
– Очекуваме во наредните 10 дена оваа постапка да биде завршена, додаде министерот Тодоров.