Поголем број играчи во НБА лигата, меѓу кои и некои од најголемите ѕвезди, изразуваат резерви околу продолжението на сезоната планирано за крајот на јули, јавуваат американските медиуми.
Кризата со коронавирусот, која со несмален интензитет сè уште се чувствува во САД, како и расните немири и протестите по убиството на Џорџ Флојд се меѓу најчестите аргументи зошто некои играчи, како Кајри Ирвинг и Двајт Хауард, се двоумат околу тоа дали да се согласат да играат.
Раководството на лигата веќе одлучи прекинатата сезона да продолжи на крајот на јули во скратен формат, со осумте најдобро пласирани тимови кои ќе се натпреваруваат во една сала во Орландо.
Но, бројот на случаи на Ковид-19 во централна Флорида, каде што се наоѓа салата на спортската телевизиска мрежа ЕСПН и нејзиниот сопственик, Дизни, деновиве повторно расте, па тоа ги загрижи дел од играчите.
Кајри Ирвинг, според извештаите, изминатава недела иницирал групен разговор помеѓу 80 кошаркари, меѓу кои и Крис Пол и Кармело Ентони, а плејмејкерот на Бруклин Нетс изразил противење на продолжувањето на сезоната во Орландо.
„Само дваесет луѓе всушност се платени, и јас сум дел од тоа. Да не се преправаме дека не постои систем што е намерно уреден за да нè поделат сите нас,“ рекол Ирвинг за време на групниот разговор.
Тој додал и дека бил волен да „се откаже од сè што има“ за реформа на социјалната правда во САД, според извештаите во американските медиуми. Центарот на Лејкерси, Двајт Хауард, се сложил со коментарите на Ирвинг, според ЦНН.
И покрај тоа што синдикатот на играчите се согласи со форматот за продолжување на сезоната предложен од лигата, разговорите околу деталите, вклучително и околу здравствените и заштитните стандарди продолжуваат, а тие нема да може да се усвојат без согласност на здружението на играчи.