„Денес би сакал да кажам неколку поенти поврзани со извештајот на „Фридом хаус’ којшто ја опишува ситуацијата во Република Македонија како прилично алармантна, особено во делот на корупцијата и на политичкото влијание на власта врз клучните институции, како што се судството и обвинителството.
Преку извештајот на „Фридом хаус“ македонската јавност, за жал, посведочи дека денешниот развој на настаните во обвинителството е многу полош од претходните години.
Политичкото мешање во работата на јавното обвинителство е еден од најголемите проблеми којшто Македонија го има за да се справи со борбата со криминалот и корупцијата“, рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Обвинителството на Јовевски и на Вилма сега и со меѓународен извештај се потврди дека е политичко обвинителство коешто спроведува селективна правда и селективни закони.
Политичката монтажа за 27 април, прогонот на политички неистомисленици најчесто од опозицијата и многу невини луѓе во затвор, а многу осудени затвореници на слобода, како што е убиецот на Мартин Нешковски и други покажуваат дека политиката длабоко замешала прсти во судството, обвинителството и во установите коишто ги спроведуваат судските пресуди.
Во изминативе 3 години ниту еден криминалец особено ако е од редовите на власта не одговараше, напротив тие станаа први другари со Заев и неговиот потесен круг.
Oвој меѓународен документ на „Фридом хаус“ уште еднаш потврдува дека изминатите три години имаме монтирани случаи, дури и кога се одговора сетете се на градоначалниците Боро Малборо и Курто Дудуш и ќе ви стане јасно дека политиката е посилна од обвинителството и судовите.
Ова е официјална потврда дека клучниот елемент што ја очекува Македонија при можните идни преговори со ЕУ, владеење на правото во Македонија е сериозно загрозен.
Дополнително корупцијата останува голем и сериозен проблем, особено неказнивоста по однос на корупцијата на високи владини функционери, многу медиуми, новинари, па и политички опоненти открија неколку крупни афери, но, за жал, за ниедна од нив немаме ниту обвинителска, ниту, пак, судска разрешница. Последен пример за поткуп и за предизборна корупција се пакетите коишто Заев и неговите најблиски соработници ги делат на посиромашни семејства нудејќи им пакет прехранбени продукти во замена за избирачки глас, што е одлика на Заев во Струмица, но, за жал, ја спроведува на територија на цела Република Македонија.
На полето на економијата гледаме неуспеси од оваа влада се гледа и во извештајот на „Фридом хаус“ дека сивата економија е голем проблем, а и остава голем број работници коишто се ранливи и можат да бидат злоупотребени од страна на работодавачите, а да не можат да си ги остварат своите работнички права.
Извештајот на „Фридом хаус“ не е поволен за Македонија и, за жал, е една меѓународна потврда дека корупцијата и селективната правда и сивата економија се трите одлики на хибридниот режим на Зоран Заев.
Со СДСМ, со Зоран Заев и Оливер Спасовски, за жал, тоа се нашите одлики како држава и на меѓународен план добиваме извештаи коишто значат пораз за стандардите на една НАТО-членка и на една земја која сака да биде кандидат и да преговара за членство во Европската Унија.
Затоа сметаме дека е време на Зоран Заев, на Оливер Спасовски и на СДСМ, да им се каже доста е, да се понуди добра политичка алтернатива и да се започне процесот на обнова и на економијата и на институциите, и на примената за законите во цела држава“, изјави Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.