Иследниците на Бостонскиот атентат сметаат дека двајцата браќа, осомничени за експлозиите, веројатно планирале и други напади, имајќи го предвид оружјето што полицијата им го пронајде, пренесоа американските медиуми.
Шефот на полицијата во Бостон Ед Дејвис, во настап на телевизијата Си-Би-Ес, изјави дека по престрелката од петокот меѓу двајцата браќа и полицијата, биле најдени рачно изработени експлозиви и огнено оружје. Тоа дава основ да се претпостави дека осомничените Тамерлан и Џохар Царнаев, имале намера да нападнат уште луѓе.
Една од експлозивните направи била најдена во мерцедес, што двајцата браќа го возеле.
Од двете бомби, што експлодираа пред финишот на Бостонскиот маратон, загинаа три лица, а над 180 беа ранети.
Гувернерот на Масачусетс Девал Патрик денеска изјави дека има записи од уличните камери, на кои се гледа како Џохар Царнаев го остава ранецот на земја и мирно се оддалечува, пред бомбата да пукне. Тој не реагира по првата експлозија и навреме се оддалечува од ранецот за втората експлозија, рече гувернерот за телевизијата Си-Би-Ес.
Патрик изјави дека нема претстава каков бил мотивот на осомничените.
Џохар Царнаев, кој беше фатен и тешко ранет, се уште е во многу тешка состојба. Се уште не е познато какви обвиненија ќе му бидат покренати. Најтешкото обвинение, што може да му биде покренато од федералниот обвинител, е употреба на оружје за масовно уништување за убиство на луѓе. За тоа би можел да добие смртна казна, но во законодавството на Масачуџетс не е предвидена смртна казна.
Тешко повредениот Џохар Царнаев веќе се разбудил од кома и писмено одговарал на прашањата на иследниците, соопштија телевизиите Еј-Би-Си и Ен-Би-Си, пренесоа светските агенции.
Царнаев е во салата за реанимација во болница во Бостон со рана од куршум во устата, што му го пронижал јазикот и излегол од задната страна на вратот. Тој има и друга огнострелна рана во ногата, сооошти за Си-Би- Ес комесарот на бостонската полиција, Ед Дејвис.
Иследниците детално го распрашуваат Џохар за неговиот 26-годишен брат Тамерлан, кој беше убиен во престрелка со полицијата и за можни нивни соучесници во терористичкиот акт, во кој загинаа три и беа ранети 176 лица.