Со бројка од 86 смртни случаи на еден милион жители, земјава е на врвот во регионот според смртност од коронавирусот. Зад нас е Словенија со 52 смртни случаи на еден милион жители, а останатите држави од регионот се далеку зад Македонија. Најмалку смртни случаи на еден милион жители имаат Грција и Србија.
Рекордната бројка на новозаболени и починати во земјава беше денеска – починаа осум лица, а новодијагностицирани се 196. Допрво ќе се разгледува веројатноста асимптоматските случаи да не влегуваат во официјалната статистика, но и без нив, клиниките се полнат со нови пациенти заразени од коронавирусот.
Ако се погледнат бројките на денешните заболени според држави, може да се види дека Македонија според бројот на новозаболени е пред Шведска, далеку пред Хрватска, Словенија, Германија, а од европските држави, повисока бројка на денеска дијагностицирани имаат Португалија (со над 10 милиони жители) и Романија (со над 19 милиони жители).
Тука улога игра и бројот на направени тестови, но во секој случај, залетот што го зема коронавирусот во земјава не е за потценување, особено во неколкуте жаришта, а најмногу Скопје каде има 1124 активни заболени од Ковид-19.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 7 нови, а вкупно хоспитализирани 94 пациенти. На кислородна поддршка се 35 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Вкупниот капацитет на Инфективната клиника е 110 пациенти, па веќе се разгледува можноста да се стават во употреба монтажните објекти кои претходно беа поставени до клиниката.
Од Министерството за здравство се уште се чека одговор на прашањата на „А1он“ дали монтажните објекти ќе бидат ставени во функција и дали министерот за здравство се уште стои на ставот дека новодијагностицираните се од веќе познати кластери и ситуацијата е под контрола.
За само еден ден, во ГОБ „8 Септември“ беа примени 21 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 73 пациенти. Од нив, на респираторна машина се 9, a со потешка клиничка слика се уште 11 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 19 пациенти, а на домашно лекување преку болницата се следат 4 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 21 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 54 пациент – позитивни и сомнителни на Ковид-19, соопштуваат од Министерството за здравство.
Според ова, на ниво на држава, а на инфективните одделенија, во земјава има хоспитализирани вкупно 261 пациент.
Министерот за здравство Венко Филипче два дена нема одржано прес-конференција, а во врска со порастот на бројот на заболени и хоспитализирани.