Парагвајците го избраа тутунскиот магнат Орасио Картес за претседател, со што партијата Колорадо се врати повторно на власт, на која беше 61 година, пред католичкиот епископ Фернандо Луго да ја презеде претседателската функција во 2008 година.
Картес победи со предност од околу десет проценти пред неговиот ривал Ефраин Алегре од владејачката Автентична либерално-радикална партија, изјави претседателот на Изборната комисија Алберто Рамирес Самбонини, прогласувајќи го Картес за претседател.
Алегре го призна поразот и ги поздрави Парагвајците, поради високата изборна активност. – Народот го направи својот избор и ние треба да го почитуваме, нагласи тој пред своите приврзаници.
Двајцата претседателски кандидати се претставници на партии, кои ја предизвикаа процедурата за импичмент на Луго во јуни 2012 година.
Педесет и седум годишниот Картес е дел од малубројната елита, која владее речиси со цел Парагвај. Картес поседува банки, инвестициски фондови, земјоделски површини, компанија за производство на безалкохолни пијалоци и тутунски плантажи. Тој е сопственик и на фудбалскиот клуб „Либертад“, шампион во Парагвај.