Европска недела на имунизација

Од:

Во Градски парк кај Школка денеска напладне ќе почне одбележувањто на Европската недела на имунизација. Годинава таа е под мото „Спречи, заштити, вакцинирај! Заштити го светот, вакцинирај се!“.

Настанот, на кој ќе присуствува и министерот за здравство Никола Тодоров, ќе биде забавен, но и информативен со цел да се подигне свеста дека вакцината е најисплатлива јавна здравствена превентивна мерка со која се елиминирани или редуцирани на минимум многу заразни болести. Родителите да се запознаат зошто е потребно да се вакцинираат нивните деца, особено кога се јавуваат антивакцинални кампањи, што може да го загрозат животот на најмладите и да вратат епидемии кои веќе се искоренети. На децата, пак, ќе им се дели промотивен материјал кој ќе им ја прикаже вакцината како нешто од кое не треба да се плашат.

Во рамки на неделата на активности, која ќе трае до 27 април, утре ќе има стручен состанок на епидемиолози, кои ќе разговараат за опфатот на вакцинирани и за проблемите што треба да се надминат. Ќе се прави и теренска вакцинација за да се откријат што повеќе невакцинирани деца.
Годишно околу 150.000 деца на различна возраст се вакцинираат во Македонија. Опфатот е во просек околу 95 отсто за сите вакцини, но се уште има поделеност и недоверба на родителите за најновата вакцина против инфекции со хуман папилома вирус (ХПВ) која од 2009 година е задолжителна за девојчиња на 12 години. Минатата година вакцината ја примиле 50 отсто во државата, а во Скопје меѓу 20 и 25 отсто.

Родителите кои одбиваат вакцинирање на децата се казнуваат со 500 евра, по пријава на инспекцијата, и засега околу 200 случаи се на суд за одбивање различни видови вакцини.

– Ништо не сме направиле само со казна, зашто детето ќе остане невакцинирано и ќе создаде група од невакцинирани деца и опасност од епидемии. Треба да ги убедиме да ги вакцинираат своите деца. Не само што ја штити единката, туку вакцината ја штити и заедницата и целиот свет, со создавање на колективниот имунитет. Светската здравствена организација препорачува што повеќе напори за зголемување на опфатот на имунизација, зашто во светот годишно над 10 милиони деца под пет години умираат. Од нив, 1,4 милион деца под 5 години умираат од болести кои можеле да се спречат со вакцинација, изјави Јованка Костовска, раководител на секторот за превентивна здравствена заштита.

Околу дваесет вакцини се откриени од 1885, кога Луј Пастер ја пронашол првата вакцина – против беснило. Благодарение на вакцините се елиминирани или редуцирани многу смртоносни болести, како вариола вера, дифтерија, парализа… Во Македонија прва воведена вакцина била против туберкулоза, во 1948, во 1951 биле воведени против тетанус и дифтерија, во 1960 против голема кашлица.

Последен случај на дифтерија во Македонија имало во 1976. Од неа во минатото заболувале по 400 случаи годишно од кои 25 умирале. Последен случај на парализа бил во 1987, тетанус неонатален во 1993. Пред воведување на вакцината против голема кашлица во 1960 година имало по 3.600 заболени годишно и по 20 умирале, од тетанус имало по 36 заболени, а 17 умирале.

Македонија ја одбележува Европската недела на имунизација од нејзиното востановување пред осум години, од страна на Светската здравствена организација.

Би можело да ве интересира

Исхрана и плодни денови – како одредена храна може да ги зголеми или намали шансите за зачнување

Катерина Ѓуровски

Во ЕУ годишно умираат 10.000 луѓе бидејќи не вежбаат доволно

Ана Ололовска

М-р по фармација Славица Тодоровска од „Хемофарм“ советува: Запекот мора да се лекува

Ана Ололовска

Природата во градот ја намалува осаменоста

Ана Ололовска

Кафето, алкохолот и месото се штетни за бубрезите

Ана Ололовска

Откриен досега непознат дел од човековата вилица

Ана Ололовска