Точков: Повеќето од новите случаи во Охрид се заразиле во ресторани и продавници од асимптоматски носители на вирусот

Од:

За 10 дена, ќе се види дали напливот на посетители во Охрид за време на изминатиов викенд ќе резултира со зголемен број тестирања, но и заболени од коронавирусот. Директорот на Центарот за јавно здравје – Охрид, Сашо Точков, за „А1он“ вели дека бројот на тестирања е веќе удвоен од крајот на мај, со попуштањето на рестрикциите. Тој вели дека во Охрид засега нема кластери, а сите новодијагностицирани со коронавирус се одделни случаи.

„Неодговорното, односно несовесно однесување на поединци, и во Охрид резултира со зголемување на бројот на заразени. Од крајот на мај, кога попуштањето на рестрикциите беше само најавено, веќе луѓето почнаа сите да се опуштаат. Зголемен број тестирања имаме и сега, односно, ако пред две недели на пунктовите во Охрид и Струга сме тестирале 30-40 луѓе, сега имаме над 80 тестирања. Повторно се враќаме на почетокот, каде што резултат се чека од два до три дена. Дополнително, кон крајот на неделава ќе треба да видиме како ќе резултира намалувањето на рестрикциите кога очекуваме дополнително зголемување на тестирањата“, вели Точков за „А1он“.

За напливот на посетители во Охрид, директорот Точков вели дека за 10 дена, ќе се види резултатот од мешањето луѓе од разни средини во градот.

Запрашан дали градот може да стане потенцијално ново жариште, Точков вели: „Сега немам индиции да го кажам тоа, но сме претпазливи. На некој начин стравуваме да не дојде до тоа“.

„Имаше мешање луѓе, кои доаѓаат од разни средини, а меѓу нив и неодговорни, кои не ги почитуваа мерките и препораките за држење дистанца, носење заштитна опрема, забраната за групирање“, додава Точков.

Повеќето од новите случаи досега не кажале дека имале контакт со веќе заразено лице од коронавирус. Во епидемиолошките анкети кажувале дека не знаат како се заразиле.

„Тие се движеле во кафеани, ресторани, продавници, што значи се заразиле од некој асимптоматски носител на вирусот. Повеќето се заразиле на тој начин. Ако носиш маска во продавница додека пазариш и одржуваш дистанца, не можеш да се заразиш“, смета Точков.
Проблеми со правењето на епидемиолошките анкети на заразените има и во Охрид.

„Релативно се искрени и сè зависи од човек до човек. Имаме луѓе што се искрени, имаме луѓе што не се сетиле дека биле во контакт со некого, па нивниот контакт се јавил кај нас да каже. Сме се соочувале со неточни телефонски броеви, неточни адреси“, објаснува тој.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски