Со најавата за изградба на тротоар на улицата „Борис Кидрич“, а по неа и на западната страна од улицата „7 ноември“, на потегот од кружниот тек, па сè до деловната зграда на поранешен ЗИК „Винојуг“, Општина Гевгелија покажува дека ги претпочита континуираните активности на проектите што веќе одамна ги има аплицирано како практика.
Од наведените 12 капитални зафати наведени во својата изборна програма, за новата мандатна година градоначалникот на општината ги најави активностите за поплочување и бетонирање на тротоари низ две гевгелиски улици и изградба на пешачка патека во населеното место Миравци. За гевгелиските изведби задолжена е фирмата „Урбан инвест“, а за работите во Миравци локалната фирма „Еуро инг“.
Во својот отчет за изминатата 2012 година градоначалникот Франгов забележал:
„За подобрување на комуналната инфраструктура во општината беа вложени 29.571.974 денари или 480.000 евра буџетски средства. Со овие средства беа изградени 2,4 и започна изградбата на 1,5 км канализациони линии, почна изградбата на 1,3 километри атмосферска канализација, додека беа изградени 1,6 километри водоводни линии и 750 метри одводни канали. За проширувањето и подобрување на патната инфраструктура беа вложени скоро 53 милиони денари или 860.000 денари сопствени средства“, се вели во отчетот.
Ваквото темпо на решавање на проблемите од комуналната сфера во општината ќе ја доведе Гевгелија и населените места во пешачка, наместо во развојна зона. Патишта се градат во должина од по еден ипол километар, а канализациските системи едвај во должина од 750 метри.
Дури и според вложувањата во транспортната инфраструктура, што е еден од показателите за напредок и економскиот развој, општина Гевгелија во изминатите години, од 2007 до 2011, покажува растечко темпо на инвестиции, но споредено со вложувањата во другите општини од државата заостанува зад вложувањата што ги реализирала по глава на жител. Од 2007 вложените средства за оваа намена од буџетски извори изнесувале 76,8 милиони денари, односно 208,9 милиони денари во 2011 година. По глава на жител тоа значи дека просечните вложувања за транспортни инвестиции за набљудуваниот период изнесува 80,2 евра.
Тоа се далеку поразувачки податоци во однос на Сопиште, Македонски брод и Пробиштип, кои во истиот период вложиле од 905, 1.254 до 2.898 евра по глава на жител, соодветно.
А.Д.