Пациентите со рак стравуваат за нивните животи поради непочитувањето на мерките против Ковид-19

Од:

Колку повеќе не се почитуваат мерките што ги препорачуваат здравствените власти, толку повеќе се комплицира секојдневието на болните од рак, реагираат од групата „Љубов сме – Jemi dashuri“, која нуди помош и поддршка за пациентите со малигни заболувања.

„’Тие кои сакате да седите дома, останете си дома’. Овој аргумент од граѓаните кои не веруваат во коронавирусот, односно во опасноста од него, повеќе пати проструи низ јавноста, па оттука е и нашата реакција. Во луѓето кои остануваат дома додека сѐ уште е актуелна пандемијата со коронавирусот спаѓаат и оние кои се борат со канцер, или пак се бореле во минатото, но за жал и понатаму се вбројуваат во пациентите со хронични болести. Луѓето коишто седат дома не го прават тоа затоа што така сакаат како што мислат дел од граѓаните, туку за да се заштитат себеси и своите најблиски кои спаѓаат во ранливата група“, се наведува во соопштението.

Од групата велат дека луѓето кои се соочуваат со рак во моментот се доведени во многу незавидна ситуација, бидејќи им се откажуваат контролните прегледи.

„Тоа откажување донекаде може да биде издржано со цел тие да се заштитат од вирусот, но кога тоа се пролонгира на долг рок може да доведе до компликации. На пример, пациентите и пациентките со рак на дојка во моментот се спречени да направат мамографски или ехо преглед и тоа ќе се пролонгира уште повеќе со непочитувањето на мерките од страна на одредени поединци“, смета групата „Љубов сме-Jemi dashuri“.

Од таму велат дека дел од овие пациенти примаат хемотерапија која создава болки во коските и мускулите, поради што докторите препорачуваат секојдневно пешачење, како активност која би можела да придонесе таквите нус ефекти да бидат поподносливи. Поради растот на бројот на заразени со коронавирус, велат тие, овие пациенти се спречени во извршувањето на ваквата активност, која би можела добро да влијае врз нивното психофизичко здравје.

„Со непочитувањето на мерките поради скептицизмот кон вирусот, во ризик се доведени илјадници граѓани, ако се знае дека само на годишно ниво со рак се дијагностицираат по неколку илјади лица. Дел од нив се деца и токму тие, најневините се принудени да останат во своите домови на долг рок. Токму тие, за жал прерано се запознале со суровоста на животот па оттука ги прашуваме граѓаните кои одбиваат да ги почитуваат мерките, дали вреди на едно дете да му се скратат крилјата, кога тоа и онака прерано било принудено да порасне?“, пишува во соопштението.

„Љубов сме-Jemi dashuri“ упатува порака до граѓаните кои не ги почитуваат мерките дека болните со рак може да живеат десетици години по воспоставувањето на дијагнозата, но доколку го добијат вирусот би можеле да бидат доведени во животозагрозувачка состојба.

Оттука и апелот да се постапува посвесно и посовесно, а не според девизата „луѓето со хронични болести секако се во ризик и без вирусот“.

Групата апелира и до надлежните органи да ги засилат контролите и рестрикциите, со цел непочитувачите на мерките да бидат казнети, бидејќи во спротивно санкциите одат на грбот на луѓето од ризичните групи.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Март – национален месец за подигање на свеста за рак на дебело црево

Онколошки скандал во Љубљана: Опериран здрав човек, отстранет неговиот желудник

А1он

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците