Над шест од десет Грци, односно 64 отсто се расположени летово да заминат на одмор; помалку од половина анкетирани (44 проценти) се загрижени за епидемијата на Ковид-19, а 59 отсто сметаат дека е потребно да се направат промени во Владата, односно реконструкција, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
Доколку постојат соодветни понуди и цени, 64 отсто од Грците одговориле дека сигурно или веројатно се расположени да заминат на одмор во Грција, а најголемиот дел од нив, речиси седум од десет се на возраст меѓу 30 и 44 години.
На прашањето „Колку ве загрижува епидемијата по олабавувањето на рестриктивните мерки?“, 44 отсто одговориле многу или доста, 20 проценти малку/речиси воопшто, а 27 отсто се умерено загрижени.
Споредбено со претходните истражувања, спроведени од истата агенција, оваа загриженост, најголема била во април, а со текот на времето опаѓа.
Повеќе од половина испитаници, односно 54 отсто оценуваат дека економските мерки на Владата се во правилна насока, а 75 проценти од анкетираните позитивно ги оценуваат одлуките за справувањето со епидемијата.
Сепак, 59 проценти сметаат дека потребни се промени во самата Влада, односно реконструкција.
На политичката сцена и распоредот на силите, Нова демократија и понатаму добива најголема поддршка и со рејтинг за 19.5 отсто повисок од опозициската СИРИЗА.
Половина од анкетираните рекле дека Кирјакос Мицотакис е посоодветен за премиер, во однос на Алексис Ципрас, а разликата меѓу нив е 26 проценти.
Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено од 1 до 3 јуни 2020 година, а биле анкетирани 1.208 лица со право на глас.