Благодарение на исклучително поволната хидролошка состојба на каскадата на реката Дрим, Албанија постигнува историско рекордно производство, што услови масовен извоз на електрична енергија, јавува дописникот на МИА од Тирана.
Минатиот месец извезена беше електрична енергија во вредност од 2,5 милиони евра, додека вкупно договорената сума за овој месец изнесува осум милиони евра.
-Производството на електрична енергија достигна историски рекорд од 30 милиони киловат часови дневно, благодарение на обилните и интензивни дождови, топењето на снегот во планините, но секако и на подготвеноста на ХЕЦ-овите што работат со максимален капацитет, тврдат од албанската електрокорпорација (КЕШ).
Според истиот извор, 21 милион квч се за задоволување на домашната потреба, додека другиот дел од произведеното количество од осум до девет милиони квч на ден се извезува или депонира во форма на размена.
Високиот тренд на извоз се очекува да потрае и следниот месец, поради солидната резерва на вода во акумулациите на каскадата, ХЕЦ-овите „Фиерза“, која е втора по големина на Балканот по онаа на Дунав, „Коман“ и „Вау те Дејес“.
Стручните лица од КЕШ, оценуваат дека во месец мај количеството на продадена струја да биде поголема споредено со април. Со ваквата динамика само за два и пол месеца КЕШ од извоз ќе инкасира повеќе од 20 милиони евра.