Берлускони ќе го бојкотира следниот круг од гласањето за избор на претседател на Италија

Од:

Поранешниот премиер на Италија Силвио Берлускони денеска изјави дека неговиот блок на десниот центар ќе ја бојкотира следната рунда од гласањето за претседател на државата и ќе протестира пред парламентот за да го спречи изборот на кандидатот на левиот центар Романо Проди.

Проди, поранешен премиер и еден од најстарите политички непријатели на Берлускони, е неприфатлив за десниот центар, кој го обвинува лидерот на левиот центар Пјер Луиџи Берсани дека не ги исполнува своите ветувања дека нивниот кандидат ќе биде прифатлив за сите.

Берсани го предложи Проди откако се откажа од претходниот кандидат, поранешниот претседател на Сенатот, Франко Марини, заради револтот во својата партија, потсетуваат британските медиуми.

-Нашата земја, Италија, е поважна од било какви фракционерски интереси на левицата, наведува Берлускони во соопштение.

Мала група пратеници на десниот центар, предводена од Александра Мусолини, внука на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини, денеска во парламентот влегоа носејќи маичка на која од предната страна пишуваше „Не Проди Не“, а на задната „Ѓаволот го носи Проди“, алудирајќи на филмот „Ѓаволот носи Прада“.

Италијанскиот парламент ниту денеска, во третиот круг, не успеа да избере претседател на државата.

Бидејќи ниту еден кандидат не освои двотретинско мнозинство, гласањето ќе продолжи подоцна во текот на денот со нов, четврти круг гласање, кога за изборот на нов шеф на државата ќе биде потребно просто мнозинство, пренесоа агенциите.

Мандатот на досегашниот претседател Џорџо Наполитано завршува на 15 мај.

Би можело да ве интересира

Се урна лифт во станбена зграда, повредени две жени и три деца во Палермо

Откриена е мафијашката мрежа Камора и Коза Ностра, една трага води до Балканот

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Силен земјотрес го погоди југот на Италија

ВИДЕО: Поплави, свлечишта, затворена железница и училишта во Италија

(ВИДЕО) Израел ги налути сојузниците: Престанете да пукате на силите на Обединетите нации

Катерина Ѓуровски