Со семинар насловен „Младинско учество и животна средина“ Платформата за младинска одржливост и Амбасадата на Република Франција во Македонија на 20 април, в сабота, ќе ги започнат активностите по повод одбележување на 22 април – Денот на планетата Земја.
Антонио Јовановски од Невладината организација „Гоу Грин“, која е еден од основачите на Платформата за младинска одржливост, истакна дека таа постои од 2011 година со поддршка од Француската амбасада, а има за цел да ги поврзе, едуцира и активира младите луѓе во областа на животната средина и одржливиот развој. Тоа што постои три години, вели, покажува дека има потреба од неа.
– Потребата од создавање една критична маса на млади и активни луѓе еколошки свесни во едно општество е предулов да имаме одржливост во функционирањето на една држава. Платформата е сојуз на младински организации кои имаат активни волонтери кои работат на различни проекти, но она што ги обединува е едукацијата, која се дава во областа на животната средина и одржливиот развој, рече Јовановски на денешната прес-конференција.
Амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Ор истакна дека од особено значење е сензибилизацијата на младите од училишна возраст за темите од областа на заштитата на животната средина и теми како глобалното затоплување кои сите не загрижуваат.
– Предизвикот кој го имаме во однос на зачувување на животната средина не обврзува да преземеме активности за квантитативно и квалитативно зачувување на животната околина. Станува збор и за еден образовен и економски предизвик, рече амбасадорката Ор.
Таа изрази задоволство што платформата почна со четири огранизации, денес брои осум, а во сабота ќе и се приклучат уште две. Најави дека на 5 јуни ќе се одржи дебата по повод Денот на заштитата на животната средина, а кон крајот на истиот месец најави активности во рамки на Европската недела за обновливи извори на енергија. Амбасадата, рече, ќе го поддржи и издавањето на списанието „Биди зелен“ наменето за популацијата од 10-15 годишна возраст.
Според Јовановски, со новите младински здруженија Платформата за младинска одржливост ќе ги прошири своите активности во 28 општини во државата.